Stomatolog.com.mk - Д-р Нечаковски - Вашиот стоматолог на интернет  
 
Локација
Работно време
Услуги
Персонал
Контакт
PRESS
За сајтот..
Ласерска
терапија (LLLT)
Порцелански
изработки
За амалгамските
пломби
Имплантација
на заби
Фокални
заболувања
За кариесот
Пародонтопатија
Градба на забите
Бременоста и
  забите
Исхраната и
кариесот
Атеросклероза
За проблемите со
виличниот зглоб
Страв од
стоматолог
За хигиената
на устата
Криви заби
Фиксни протетски
  изработки
Забни протези
..за пирсингот
..за млечните заби
..за пломбирањето
Кандидијаза
Дијастема
Забна ерозија
-
Master Card
 
VISA
-
-
За пломбирањето и пломбите...

Пломбирањето претставува микро-хируршки третман за најчестата болест на забите – кариесот. Оваа постапка се состои во целосно отстранување на заболениот дел од структурата на забот и реставрирање на формата, изгледот и функцијата на забот со поставување на материјал кој најблиску одговара на карактеристиките на забните ткива (поставување на т.н. пломба) Постојат повеќе типови на материјали кои се користат за пломбирање на забите – од најстаро употребуваните : златото и сребрениот амалгам, па до најновите – композитите, глас-јономерите и порцеланот.

Намената на пломбите е да го надоместат делот од забната коронка кој е изгубен – најчесто како резултат на кариес а исто така и во случај на траума на забот (кршење на заб) или за подобрување на изгледот на некој заб (маскирање на дефекти, корекција на форма и сл.)

Најшироко употребувани материјали во моментот се композитите, кои претставуваат полимери во кои има над 80% различни минерални честички. Според типот на овие честички, нивната големина и структура како и типот на полимерот се разликуваат голем број различни композити чија најголема предност е одличната естетика и можноста за директно сврзување на забот (т.н. бондирање).

Друга група на современи пломби се глас-јономерните пломби кои имаат се поголема употреба поради нивната био-активна природа. Овие материјали хемиски се врзуваат со забната структура, имаат добри физички својства и имаат способност да делуваат заштитно на забот од расипување поради нивното испуштање на флуориди. Заради ова, овие пломби имаат голема употреба во детската стоматологија, и во сите случаи каде што е потребно да се намали ризикот од кариес.

Ставањето на пломбата започнува со механичко отстранување (состружување) на заболениот дел од забот (во случаи кога причината за пломбата е кариес) Понатаму површината на забот хемиски се чисти и се подготвува за поставување на пломбата. Доколку пломбата се изработува на лице место – во ординацијата, таа следно се поставува во забот и се формира на начин што ќе ја врати изгубената форма на забот. Друг начин на изработување е во лабораторија (порцелански или композитни инлеи) и за ова е потребно да се земе отпечаток од забот (мерка) според која ќе се изработи пломбата и која во следна посета ќе се постави (цементира) на забот.

Кој тип на пломба ќе се постави зависи од многу фактори а главно е прашањето која функција ќе треба да ја исполни пломбата. Во услови на силно џвакање, и голем притисок како кај бочните заби треба да се стави пломба која има голема отпорност и мало трошење (порцеланска, композитна или амалгамска пломба/инлеј) Кај предните заби каде што поважна е естетиката – ќе се стави пломба која изгледа како природните заби (композитна пломба).

Трајноста на пломбите зависи од материјалот од кој се изработени, местото на забот каде што се поставени, од состојбата на забот на кој се поставени и од знаењето и умешноста на лекарот кој ја поставил. Ориентационо - трајноста на пломбите се движи од неколку години до една деценија иако често се среќаваат пломби кои траат и по 15 и 20 години. Кога се зборува за трајноста на пломбите треба да се спомне кои се причинат за менување на некоја пломба. Тоа е најчесто  понатамошно расипување на забот во околината на пломбата, кршење на дел пломбата или целосно испаѓање на пломбата, откршување на дел од забот  или од естетски причини.

Трошењето на пломбите е појавата на губење на дел од површината на пломбата како резултат на џвакањето и секојдневното користење. Ова е процес низ кој поминуваат и природните заби кои кога ќе изникнат имаат остри рабови а со текот на годините се „измазнуваат“(т.н. атриција) Кај најновите генерации на пломби ова трошење е идентично со тоа на забите и не претставува проблем.

Знаците дека одредена пломба е „попуштена“ можат да бидат видливи со голо око – појава на пукнатини во пломбата, недостаток на дел од пломбата промена на боја или слично – сето ова се работи кои секој може да ги забележи. Постоењето на пукнатина на пломбата е проблем заради тоа што тоа е простор низ кој бактериите од устата можат слободно да продрат во внатрешноста на забот и да предизвикаат воспаление на забниот нерв. Заради ова е потребно редовно одење на контрола кај стоматолог, кој може да ги забележи проблемите многу порано.

Одржувањето на пломбите не се разликува од одржувањето на забите (целта на пломбите е да бидат што е можно понезабележливи и да функционираат како нормалните забни ткива) Редовно четкање на забите, употреба на забен конец и плакнење со течност за уста е препораката за одржување и на забите (а и пломбите).

По ставањето на пломбата, во зависност од материјалот на пломбата понекогаш е потребно кратко време да се избегнува џвакање на страната од вилицата каде што се поставила пломбата – додека кај некои материјали таа страна може веднаш да се користи. Причината за ова е процесот на „стврднување на пломбата“ кој обично трае до 2 часа.

автор на тестот: д-р Александар Нечаковски
последна измена: 23.05.2009

 

Верзија за печатење Покани пријател да ја види оваа страница
Twitter Share
 
Стоматолошка ординација Д-р Нечаковски Ул.